ДА ИЗГРАДИМЕ ПОДОБРО ОПШТЕСТВО ЗА ЛИЦАТА КОИ СТРАДААТ ОД МЕНТАЛНИ НАРУШУВАЊА

 

 

На прагот сме на третата декада од 21 век. Технолошката револуција целосно го смени свететот во кој живееме денес. Луѓето во повеќето земји во светот имаат пристап до здравствена заштита како никогаш пред тоа. Во развиените земји во последните 20 – 30 години почна отворено да се зборува за менталното здравје и психичките болести. Она за кое што во минатото воопшто не се зборуваше или се зборуваше многу малку, во последните години стана многу актуелна тема. Невладините организации ширум овие земји имаа голема улога во подигањето на свеста за менталното здравје. Кај нас за жал сме на самиот почеток…

Кога ќе се спомене дека некое лица има психички болести, веднаш се започнува со стигматизирање на тоа лице. Стигматизарењето знае да стигне до таму па истото да биде исмевано, како тоа да не заслужува да живее достоинствен живот како сите останати.

За полесно да биде сфатен проблемот, треба да направиме поделба на психичките болести како што тоа денес го прави психологијата на неврози и психози. Во неврози спаѓаат психичките нарушувања како што се: депресијата, анксиозноста, опсесивно-компулсивно растројство. Од друга страна во психози спаѓаат: шизофренија,шизотипните растројства, биполарното нарушување. Измеѓу нив е граничното нарушување на личноста. Ова е наједноставниот поим на нарушувања, а воедно и најчестите нарушување кои се јавуваат кај луѓето. Сепак има многу повеќе…

 

КОИ СЕ ПРИЧИНИТЕ?

Причините за едно лице да развие психички проблеми до денес не се целосно разјаснети. Најчесто се земаат генетските предиспозиции, кај неврозите огромна улога имаат надворешните фактори како невозможноста да се најде соодветна работа, животен партнер, финансиската ситуација, смрт на близок член на семејството, злоупотреба на алкохол и дрога, припадноста кон одредена маргинализирана група во општеството… Листата на фактори продолжува и е многу поголема. И тука кај неврозите влијание имаат и генетските предиспозиции.

 

КАКВА Е СИТУАЦИЈАТА ВО САД И ЕВРОПА?

Во САД и повеќето држави веќе отворено се зборува на оваа тема. Последната декада посебно беше доста успешна во подигање на свеста за оваа проблематика кај поширокото население. Од друга страна овие земји се соочуваат со највисок процент на психички нарушувања посебно кај младата популација. Современиот начин на живот, но и губењето на економската стабилност, економските кризи донесоа големи разлики помеѓу генерацијата милениумци за разлика од бејби бум генерацијата. Младите се се повеќе депресивни, разочарани од светот во кој живеат,  од светот во кој имаат потешкотии да дојдат до работно место кое го сакаат,  да имаат пристоен живот, да можат да најдат брачен партнер и да формираат семејство. Во повеќето држави се работи не само на лекување на лицата кои страдаат од психички болести, туку и на нивна ресоцијализација и реинтреграција во општеството. За овие процеси да успеат, битна е подршката од семејството, но и државата. Според СЗО депресијата е втора водечка причина за нефункционалност на поединците во светот. Ако ова се случува од депресија, тогаш треба да ни биде јасно како е им е на лицата кои страдаат од потешки дијагнози. За едно лице кое страда од ментална болест, покрај медикаментозната терапија, исклучително важна е психотерапијата. Во повеќето развиени држави, пациентите добиваат психотерапија преку фондот за здравствено осигурување во државата во која што живеат. Овозможено е и наследување на пензија од родители, доколку лицето е трајно работно неспособно. Доколку пак лицето може да се реинтегрира и да биде работно способно, им се овозможува поддршка во целиот процес на ресоцијализација и реинтеграција во општеството. Како позитивен пример ќе ја истакнам фондацијата „БАРКА” од Полска, која со години работи на оваа проблематика. Преку нивните проекти за социјално претприемништво овозможува вработување на лица со нарушено ментално здравје, при што пациентите се учат постепено на работни обврски, а при тоа се зема во предвид нивната здравствена состојба, се работи на нивно усовршување и остручување во одредена дејност. Има примери за цели претпријатија кои вработуваат лица со нарушено ментално здравје… од помали занаетчиски бизниси, па се до хотели…

 

КАКВА Е СИТУАЦИЈАТА ВО МАКЕДОНИЈА?

Во нашата држава сме на самиот почеток. Прво, многу се ретки институциите кои нудат психотерапија на терет на фондот за здравство. А, како што веќе кажав психотерапијата е клучна за лекување на овие лица. Пациентите се приморани да плаќаат за психотерапија на приватно, која најчесто чини и по 2000 денари за час. Како здружение, ние „Асоцијација Мисла” успеавме да обезбедиме бесплатни гешталт психотерапии. Наши членови и клиенти веќе две години имаат обезбедено психотерапии од професионални гешталт психотерапевти. Проект во кој немаше да успееме без нашите партнери „Гешталт институтот на Р.С Македонија” и „Цивика Мобилитас”. Одлична соработка имаме и со Клиниката за психијатрија.

Како здружение кое во нашите редови има вклучено лица кои страдаат од ментални нарушувања и членови на нивните потесни семејства како членство, па и до самиот врв на нашата организација, сме единствени од ваков вид во Македонија. Во изминатата година бевме посветени и на анализа на законската регулатива која е регулирана со „Законот за ментално здравје” кој е застарен, донесен во 2006 г. и нема пртрпено никакви измени. Законот ги вклучува  само лицата кои се на лекување во здравствени установи, но повеќето од овие лица се лекуваат надвор од институциите, односно ретко се случува некои лице да биде хоспиталирано подолго од еден месец. Всушност често се случува болниците и да не примаат пациенти, на кои им е потребна итна лекарска помош и хоспитализација, поради пренатрупаност. Како здружение, повеќе пати имаме реагирано и помогнато на овие лица. Друг битен проблем кој останува е можноста, односно неможноста за вработувања на овие лица, кои имаат нарушено ментално здравје, но се во можност да се реинтегирараат во општеството, да се вработат и да придонесат како за своето семејство, така и за за целото општество. Оние кои што не се работно способни добиваат можност да ја наследаат пензијата од своите родители  по нивната смрт, но најчесто пациентите минуваат низ цела голгота… низ тежок макотрпен долг процес за да го добијат ова право. Семејните пензии се дозволени само во случаи на најтешка работна неспособност поради најтешки психички растројства како шизофренија. Во сите други случаи, пациентите се препуштени сами на себе. Како здружение се надеваме дека наскоро ќе можеме и ние преку проектите на социјално претпириемништво да овозможиме вработувања на лица со нарушено ментално здравје, но сепак главната улога е и останува на државата.

Во изминатата година имавме и две панел дискусии на темите „Влијанието на пандемијата од КОВИД-19 врз менталното здравје” и „Рехабилитација, ресоцијализација и реинтреграција на лицата кои страдаат од нарушено ментално здравје “ за кои нема да бидеме скромни ако кажеме дека имаше голем интерес. Тука сме и остануваме посветени на сите овие теми и во иднина. Остануваме посветени и на подигање на свеста за менталното здравје. Само со повисока свест, можеме да се избориме за подобра иднина на овие лица. Развиеноста на едно општество се гледа од колку тоа се грижи за своите најмаргинилизирани групи. Време е да изградиме подобро општество за сите нас.

 

 

Напишал: Бојан Велковски, магистер по правни науки и член на „Асоцијација Мисла”