ЛИЦАТА СО ДУШЕВНИ БОЛЕСТИ – МАРГИНАЛИЗИРАНИ И НА ДНОТО НА ОПШТЕСТВОТО

 

Кога ќе се спомне дека некое лице има душевни проблеми, за жал во нашето општество веднаш се приоѓа кон стигматизирање на тоа лице, избегнување, недоверба, страв и повторно многу стигма. Во третата декада на 21 век кога психичките болести посебно во западното општество стануваат се позачестени, почнува и процес на отворена дебата на оваа тема за тоа како да се подобри животот на лицата кои страдаат од психички проблеми и борба за рушење на стигмите. За жал во Македонија сме на самиот почеток на оваа долга и макотрпна борба.

Современиот начин на живот, капиталистачкиот систем на длабоки поделби во нашето општество, прави се повеќе лица годишно да страдаат од некој тип на невроза како што се депресијата и анксиозноста. Од друга страна психозите (како што се делат во психијатријата, психичките нарушувања на психози и неврози), се уште посериозни состојби и треба многу посериозен пристап на нашата држава кон нив. Неодамна можевме да слушнеме по медиумите за случајот кога татко, чиј син страдал од шизофренија бил одбиен да биде сместен во болницата „Бардовци” без никакво образложение,а потоа состојбата му се влошила и пробал да си го одземе животот. За жал ова е само еден случај кој излегол во јавноста, слични случаи на лица со сериозни психички проблеми кои се одбиваат да се примат на болничко лекување се случуваат многу почесто. Одговорот на институиците е пренатрупаноста на овие болници.

Дополнителен проблем во изминатава година претставуваше пандемијата од КОВИД-19, поради која сите други лица кои страдаат од други болести влегоа во втор план, па така и лицата со нарушено ментално здравје. Оваа пандемија само ќе ја зголеми кризата во менталното здравје и тоа допрва ќе го гледаме. Секогаш кога има светски кризи како војни, природни непогоди, пандемии, економски кризи, тивко зад нив, секогаш скриени и колку што може подалеку од очите на јавноста следуваат психичките нарушувања.

 

Што треба да се направи?

Две работи се најбитни што можат и мораат да се направат во наредниот период. Како прво во Македонија има застарен закон за ментално здравје кој е донесен во 2006 г. Овој закон ги опфаќа само лицата кои се хоспитализирани во ментални институции и болници. Сметам дека ваквиот пристап е недоволен, со оглед дека повеќето од лицата кои страдаат дури и од сериозни психички нарушувања  се надвор од болничките институции. Тука мора да се спомне и дека државата не овозможува или пак овозможува во многу мал број психотерапии на товар на фондот, а овие терапии се клучни за подобрување на животот на овие лица. Просечна  приватна сеанса кај психотерапевт за еден час чини од 1500 денари, па нагоре. Со оглед на тоа дека голем дел од населението не може да си овозможи приватни психотерапии, овие лица остануваат исклучени од оваа помош која може да биде клучна за нивното здравје и живот.

Втората работа која е подеднакво важна е преголемата стигма на овие лица. Стигмата доаѓа од сите страни… од пријателите, од роднините, од соседите од институциите, па  дури и од самото семејство. Ние како Асоцијација Мисла работиме постојано за намалување на стигматизацијата преку информирање на населението. Но потребно е многу повеќе работа. Ние сме сосема свесни за тоа. Лицата со психички нарушувања мора да се ресоцијализираат и реинтегрираат во општеството. Со соодветна терапија( медикаментозна и психотерапевтска), овие лица можат да живеат долг и квалитетен живот и да се реинтегрираат во општеството(да се вработат, да формираат семејство итн). Дојдено е време кога не можеме да ги ставаме под тепих овие проблеми,а овие лица да ги третираме како невидливи. За крај никој не избира сам да боледува од некоја болест безразлика дали е тоа: депресија , биполарно нарушување, аутизам или шизофренија. Сите ние како целина заедно  сме должни да им помогнеме на овие лица. Само со добра стратетегија и информираност можеме да се избориме. Зрелоста и развиеноста на едно општество и неговите институции се гледа во тоа колку и што прави тоа општество за неговите најмаргинализираните групи. Да продолжиме со борбата за подобро утро на овие лица. Да ѝ ставиме крај на стигмата.

 

Напишал: Бојан Велковски, магистер по правни науки и член на НВО „Асоцијација Мисла”