ЕДНА ГОДИНА ПОДОЦНА: КОЛЕКТИВНАТА ДЕПРЕСИЈА ПРЕДИЗВИКАНА ОД ПАНДЕМИЈАТА ОД КОВИД-19

Март 2021 е перидот кога одбележуваме точно една година откако во Македонија и Европа почна долгата борба да се спречи ширењето на коронавирусот. Ова беше година на испуштени родендени, празници, семејни собири и што ли уште не. Она што започна со колективен страв и анксиозност од непознатото, исполнет со адреналин и надеж за што помал број на заразени и минимални човечки жртви, се претвори во колективна празнина и депресија. Пиењето кафе по паркови на отворен простор, пронаоѓањето на ново хоби, е заменето со преголемо време поминато дома во лежење и не правење на ништо. Сите сме виделе што се случува кога еден човек ќе падне во депресија, но што  кога тоа се случува со целото општество?

На секој од нас му треба поддршка повеќе од било кога, а секој од нас може да понуди помалку од било кога. Многу од нас веќе не  чувствуваат лутина и бес спрема они што не веруваат во вирусот и не ги почитуваат мерките- само сме изморени! Изморени од тоа да докажуваме дека навистина вирусот може да биде опасен, изморени од бескрајните состаноци на ZOOM, изморени од тоа да се преправаме дека се е океј, кога не е… Како резултат приметувам дека луѓето се повеќе се повлекуваат во себе, и покрај тоа што си требаме еден со друг повеќе од било кога. FACEBOOK, INSTAGRAM сепак не можат да ја заменат комуникацијата лице во лице. Како некој што секогаш бил анксиозен повеќе од просечно не гледам некое решение.

Но сметам дека постои чувство на поголема осаменост и изолација од колку на почетокот на пандемијата. Целата енергија насочена кон тоа што ќе се случи следно е заменета со колективна апатија. Се плашам дека виртуелната реалност како замена на времето поминато со пријателите и колегите не направи поограничени и кога ќе се вратиме во нормала после толку време многу работи ќе бидат поинакви.

Додека сите ја очекуваме вакцината, таа не може  да дејствува на колективната траума што ја доживеавме сите. Некои во оваа пандемија изгубиле некој близок. А, многумина верувам дека ќе се чувствуваат како да се изгубиле себеси. Нашето потпирање само на социјалните медими може да донесе многу проблеми- луѓето се социјални суштества, ни треба поврзување и комуникација со други луѓе, а не времето да го поминаваме затворени, оддалечени од нашите најблиски поради страв да не им го пренесеме вирусот.

И покрај сите негативности оваа пандемија ме научи на многу работи. Ме научи како можам да се чувствувам комфорно додека сум сам, кои луѓе ми се вистински пријатели- оние со кои што оддржав комуникација и покрај сите препреки, и колку навистина е потребно семејството во тешки моменти во животот. Сите ние можеме да бидеме благодарни за новите перспективи и она што го научивме во оваа криза.

И за крај, ќе бидеме наивни ако мислиме дека кога сите ќе се вакцинираме и оваа пандемија конечно ќе заврши ќе бидеме имуни на последниците по менталното здравје. Се соочуваме со две пандемии, едната добро позната пандемија од КОВИД-19  и другата многу потивка пандемија на влошено ментално здравје. Но верувам дека кога- тогаш, кога колективно ќе ги залечиме раните, овој период ќе ни послужи како лекција-  секогаш да помогнеме каде што можеме, да бидеме солидарни и човечни. Верувам дека силата на човечкиот дух е поголема од било која пандемија.

 

Напишал: Бојан Велковски