ПАНДЕМИЈАТА ОД КОВИД-19 Е ПОСЕБНО ТЕШКА ЗА ДЕПРЕСИВНИТЕ ЛУЃЕ
Стравот од заразување, стравот од губење на работното место, изолацијата…се многу тешко подносливи. Депресивните луѓе често страдаат поради недоволното движење и интеракција со други луѓе.
Но, не се работи само за стравот од заразување од вирусот, строгите мерки против ширењето на пандемијата и „новата реалност” значат прекин на нормалниот живот кој трае веќе една година, тука спаѓаат и загриженоста за работното место, финански проблеми и неможноста да се видиме со роднините и пријателите.
Многумина се осеќаат изолирано и осамено, светот е застрашувачко мал и без задоволства, недостасуваат дружења, посетување на спортски и културни настани…
Она што за сите е тешко подносливо, за депресивните луѓе е застрашувачко. Истражувањата покажуваат дека тие не се плашат од заразување ништо повеќе од луѓето кои не страдаат од депресија(43% наспроти 42), но мерките за заштита и изолација ги погодуваат повеќе (74% наспорти 59%). Така депресивните луѓе двојно повеќе страдаат од немањето структура во секојдневнието.
Поголема депресија поради недоволно движење
Луѓето кои страдаат од депресија се исцрпени и без надеж. Изолирањето поради страв од зараза им овозможува да останат подолго во кревет и премногу да размислуваат, а тоа дополнително ја зголемува депресијата.
Истражувањата во Германија за време на карантинот и првото затворање од појавата на пандемијата покажуваат дека мерките за заштита тешко ги погодиле заболените од депресија.
Истражувањата покажуваат дека се чувствуваат осамено и изолирано (73% од луѓето кои страдаат од депресија спрема 34% од оние кои немаат депресија), дека премногу размислуваат ( 89% наспроти 41%), дека им недостасува внатрешен поттик ( 84% наспроти 39%), дека имаат нарушен сон (63% спрема 26%), дека се повлекле во себе (67% спрема 34%), дека се досадуваат ( 55% спрема 31%), дека се загрижени за своите работни места (41% спрема 28%), дека ги доживуваат другите луѓе побеобзирни отколку пред тоа ( 57% спрема 40%). Исто така во нивните семејства почесто има конфликти ( 43% спрема 18%)
Лоша медицинска грижа за луѓето кои страдаат од психички нарушувања поради пандемијата
Строгите мерки против ширењето на вирусот беа на штета и на лечењето со тоа што за време на карантинот оние кои што имаа потреба беа спречени да посетат психолог или психијатар. 56% од испитаниците во Германија одговориле дека нивното лекување се влошило и дека битни психотерапии кои требало да ги имаат им биле откажани.
Но,истото се случува и на сите подрачја на медицината. Луѓето прекасно одат на доктор поради страв од зараза, а и многу операции беа откажани годинава поради пандемијата.
Може ли лекувањето на далечина да го замени директниот разговор?
На луѓето кои страдаат од депресија и други психички нарушувања им треба директен разговор со психијатар или психотерапевт. Изминатава година тоа се одвиваше телефонски или преку некоја од онлајн платформите. Сепак тоа не може да го замени директниот разговор со стручно лице ( само на 44% им е доволна дигиталната психотерапија).
58% од испитаниците во Германија за време на првиот карантинот виделе и позитивни страни ( повеќе време со семејството, посвесно доживување на пролетта…), кај депресивните луѓе само една третина го доживеале истото чувство.
Но, сепак од целата ситуација со пандемијата од КОВИД-19 немаме само депресивни луѓе кои се во тешка состојба. Некои луѓе негативното го претвориле во позитивно и на некој начин виделе шанса во кризата. Пробале нешто ново или почнале повторно со некое старо хоби, или пак ги оживеале некои стари пријателства за да можат полесно да ја поднесат ситуацијата. Сепак едно е јасно, колку подолго трае пандемијата толку повеќе ќе се зголемува бројот на лица кои бараат психолошка или психијатриска помош.
01.02.2021
Извор: dw.com
Подготвил: Бојан Велковски