НЕ ГИ ОСУДУВАЈТЕ ЛУЃЕТО КОИ ПИЈАТ АНТИДЕПРЕСИВИ !

Луѓето кои имаат психичка болест се доволно стигматизирани со самото тоа што имаат некоја дијагноза, но во последно време се почесто стигмата станува уште поголема спрема оние кои примаат лекови за својата состојба како антидепресиви или антипсихотици. Постојат толку дезинформации за нив од тоа дека никогаш нема да можете да ги откажете, до тоа дека сте „слабаци” ако пиете лекови. Имам впечаток како во последно време стигмата која е околу менталното здравје кога ќе се спомнат некои т.н „полесни дијагнози” како депресија и анксиозност станува поприфатлива, се до моментот кога личноста ќе спомне дека пие лекови за оваа состојба, а пак воопшто да не спомнувам кога станува збор за некоја т.н „потешка дијагноза” и за лековите за таа дијагноза.

Спортувањето, здравата исхрана и имањето на обврски е доволно за некои луѓе, но на некои има треба повеќе од тоа за да живеат „нормален” среќен живот. Нели тоа сите го заслужуваат? Живот кој не е контролиран од депресијата и анксиозноста. На ист начин како што на некои им требаат наочари за да гледаат поубаво, на некои им требаат лекови за да им се помогне на нивниот ум. И тоа е ОК.

Само затоа што не можеме да ја видиме, не можеме да ја допреме…мислиме дека психичката болка, не е болка или ако е, е многу помала од физичката. Не треба воопшто да се срамите доколку имате потреба од лекови. Тоа не ве прави помалку човек, не ве прави слаби или неспособни и не значи дека немате да бидете способни за работа и да ги завршите вашите обврски (всушност доколку имате сериозна потреба, а не пиете лекови самата депресија и анксиозност ќе ве направат нефункционални). Се разбира лековите треба да ви бидат препишани од стручно медицинско лице односно психијатар, кој ќе ја процени вашата психичка состојба и ќе процени дали, колку и какви лекови ќе пиете.

Депресијата, анксиозноста, пострауматското растројство, биполарното, граничното нарушување на личноста…било која од овие дијагнози не сте ВИЕ. Вие сте посебна личност со свои карактеристики, со изграден карактер, со свои позитивни и негативни страни и не треба да се поистоветувате со вашата дијагноза и да се срамите од неа.

Можете да истражувате повеќе за вашата дијагноза и никако да не дозволите стигмата од општеството да ве убеди дека со вас нешто не е во ред. Всушност треба да се срамат оние луѓе кои осудуваат…тоа можат понекогаш да бидат вашиот пријател, вашиот партнер, член на вашата фамилија. Овие луѓе очигледно не се доволно едуцирани на оваа тема и воопшто не треба да ве загрижуваат нивните негативни критики.

На секој кој се соочува со предизвик од областа на менталното здравје, не сте сами! Побарајте помош доколку имате потреба, зборувајте, пијте лекови(доколку ви се препишани од психијатар), спортувајте, шетајте го кучето…правете ги работите кои ве прават среќни. Да и ставиме крај на стигмата!

 

06.12.2020

 

Напишал: Бојан Велковски, инспириран од текст од themighty.com