Како тинејџерите да го зачуваат своето ментално здравје за време на пандемијата од КОВИД-19?
Пет стратегии за тинејџерите да се соочаат со „новата нормалност”
Тинејџерските години знаат да бидат турбулентни и тешки, но сега со пандемијата од КОВИД-19, за тинејџерите можат да бидат уште потешки. Со затворањето на училиштата и откажувањето на настани многу од нив чувствуваат дека го губат најбитниот период од нивниот живот- младоста.
За тинејџерите кои поради оваа ново настаната ситуација се чувствуваат изолирано, анксиозно и разочарано… знајте го ова не сте сами! Експертот за адолесценска психологија, автор и колумнист во американскиот весник „New York Times” д-р Лиза Дамор зборува за тоа како тинејџерите да се грижат за себе и да го зачуваат своето ментално здравје за време на оваа пандемија.
1.Прифатете дека вашата анксиозност е сосема нормална
Ако затворањето на учулиштата ве прави анксиозни, не сте единствени. Всушност тоа е сосема нормална реакција на ваква стресна ситуација. Психолозите веќе одамна кажуваат дека анксиозноста може да биде сосема нормална во време на кризи, и да ни помогне да се заштитиме самите себе. Вашата анксиозност во овој момент ќе ви помогне да направите исправни одлуки- како тоа да не се собирате во големи групи, да ги миете рацете, да носите маски…Така што чувството на анксиозност ќе ви помогне не само да се заштитите самите себе, туку и луѓето околу вас. На овој начин се грижите и за вас и за другите луѓе во општеството.
Користете сигурни извори на информации како УНИЦЕФ и СЗО и други релевантни институции. Ако сте загрижени дека имате симптоми на КОВИД-19, веднаш разговарајте со своите родители. Имајте на ум дека инфекцијата од КОВИД-19 често знае да има благи симптоми, посебно кај млади личности како вас. Ако сте загрижени за вашето ментално здравје, разговарајте со вашите родители.
2.Најдете начин да се оттргнете од лоши мисли
Психолозите се согласни дека во тешки ситуации многу помага да го поделите проблемот во две категории: работи кои можете да ги смените и работи кои не можете да ги смените. Има многу работи кои спаѓаат во втората категорија моментално и тоа е во ред, но едно нешто кое можете сами да го направите и да се оттргнете од лошите мисли. Читајте книги, гледајте филмови, дури и вршењето на домашни обврски ќе ви помогне да ги тргнете негативните мисли.
3.Најдете нови начини за комуникација со пријателите
Ако сакате да поминувате време со пријателите,а да практикувате социјално дистанцирање, социјалните мрежи се одлична опција. Со денешната технологија тоа е многу лесно.Но не читајте вести со непроверена содржина по социјалните мрежи, тоа дополнително може да ви ја зголеми анксиозноста. Дружете се со вашите пријатели онлајн и разговарајте за теми што ве интересираат вас младите.
4.Фокусирајте се на себе
Дали некогаш сте мислеле да започнете нешто ново, да зпочнете да читате нова книга или можеби да учите да свирите на некој музчки инструмент? Сега е време за тоа. Фокусирајте се на себе и најдете начин да правите нешто што ве интересира, на тој начин се грижите за вашето ментално здравје.
5.Дозволете си да чувствувате
Пропуштувањето на настани со пријателите, нешта за кои имате хоби, или спортски настани знае да биде многу разочарувачки. Тоа е доволна причина да бидете вознемирени и тоа е во ред. Најдобар начин да се справите со разочарувањата? Дозволете си да чувствувате. Кога имате болно чувство, дозволете си да бидете тажни. Процесирањето на чувства за секого е различно, некој ќе сака да разговара со своите пријатели, друг пак ќе сака да биде повеќе сам. Во тој момент правете онака како што чувствувате дека е исправно.
25.11.2020
Извор: unicef.org
Подготвил: Бојан Велковски