Зошто некои луѓе со биполарно растројство доживуваат психоза?
За луѓето кои само слушнале за биполарно растројство, за ова ментално нарушување често се мисли дека е „ролеркостер“ од емоции – од една страна депресија и од друга страна манија кои можат сериозно да го нарушат здравјето на личноста која страда од биполарно растројство. Сепак ова нарушување има и други комплексни карактеристики кои го прават тешко за дијагностицирање. Една од нив е и психозата.
Што е биполарно растројство?
Биполарното растројство се карактеризира со манични и депресивни епизоди кои можат да траат со недели, па и со месеци. Оваа болест е поделена во три различни типа: биполарно I, биполарно II и циклотонично растројство. Сите овие типови предизвикуваат промени во расположението, енергијата и активностите на една личност.
Но исто така постојат и разлики помеѓу типовите на биполарно растројство. Лицата кои страдаат од биполарно I и биполарно II имаат поголема шанса за појава на психоза. Психоза е кога личноста почнува да губи контакт со реалноста. Може да се манифестира со необични мисли и халуцинации, иако психозата е различна за секого. Повеќе од половина од луѓето кои страдаат од биполарно растројство во текот на својот живот доживуваат психоза.
Што е психоза кај биполарно растројство?
Во најголемиот број од случаите, психотичната состојба е во корелација со невротските симптоми на манија и депресија. За оние кои се во манична фаза, за време на психоза може да имаат делузии дека се на пример славни или пак дека имаат супер моќи. Ако психозата е за време на депресивна епизода, пациентите може да мислат дека се следени, дека се шпионирани или постојано да имаат мисли дека направиле нешто лошо.
Кои се причините за психоза кај биполарното растројство?
Денес психијатријата се труди да објасни зошто некои луѓе со биполарно растројство доживуваат психоза, а зошто некои не. Симптомите на психоза најчесто се јавуваат во фазите на манија и депресија, но може да се појават и за време на мешана епизода. Психијатрите тврдат дека психозата се јавува како последица на промени во структурата на мозокот. Затоа на пациентите кои имаат психоза им се препишуваат антипсихотици.
Истражувачките напори пронајдоа биомаркери кои можат да бидат сигнал за појава на психоза – разлики во структурата на мозокот кои не се присутни само кај биполарното растројство, туку и во други психотични растројства како шизофренијата. Едно истражување покажало дека постои преклопување на гените подложни на биполарното растројство со психоза и шизофренија и со тоа и сличности помеѓу различни психози во врска со симптомите, текот на болеста, когницијата и неуробиологијата.
Психијатрите исто така ги истражувале и демографските разлики кај пациентите кај кои се појавуваат психотични епизоди и кај кои не се појавуваат психотични епизоди. Едно истражување покажало дека пациентите со психотични епизоди се помлади, односно симптомите на биполарно растројство ги добиле од пред некое време и почесто биле хоспитализирани. Исто така се покажало дека луѓето со психоза предизвикана од биполарно растројство често имале историја во семејството на близок роднина кој исто така страдал од биполарно растројство.
Што да направите доколку доживеете психотична епизода при биполарно растројство?
Доколку вие или некој ваш близок има симптоми на психотична епизода при биполарно растројство, веднаш побарајте психијатриска помош. Доколку прв пат доживувате психотична епизода знае навистина да биде многу страшно искуство и професионална психијатриска помош ќе ве врати повторно на нозе. Тоа ќе значи дека ќе ви бидат пропишани соодветни лекови, но можеби ќе ви треба хоспитализација од неколку дена само додека помине состојбата на психоза.
На долг рок, многу од стратегиите кои ги користите во борбата со биполарното растројство ќе ви помогнат и при превенција од психотична состојба. Можете да водите евиденција на вашето расположение и на пример да ги запишувате вашите промени во расположение. Земајте ја препишаната терапија од психијатар, трудете се да имате доволно сон и избегнувајте активности или навики кои можат да ви бидат тригер за биполарното растројство. Секогаш кога не се чувствувате добро, побарајте веднаш помош.
22.10.2020
Извор: THE MIGHTY
Подготвил: м-р Бојан Велковски